Млади, играјте кошарка!

Кошарката е спорт на иднината. Сакаме да ви создадеме услови за остварување на вашите соништа. Не сонувате ли да ги дофатите вашите идоли: Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Владе Дивац, Тони Кукоч, Петар Наумоски...
Кошарката е игра што доаѓа. Колкава и да е нејзината популарност денес, утре ќе биде уште поголема. Играта под обрачите е планетарен феномен, бидете и вие дел од него. Не мислете дека идолите се недостижни, со упорна работа секој сон може да стане стварност. Потребен е само труд, трпение и голема доверба во себе и сопствените квалитети. Најдобар начин да го допрете светот е спортот. Баскетот е нешто што ќе нè зближува, светот го обликува попријателски.
Млади, спортувајте, играјте кошарка, со неа сте побогати...

 Зоре Темелковски, поранешен претседател на македонската кошаркарска федерација, тогашен КСМ.

ИСТОРИЈАТ

Колевката на македонската кошарка е во Штип, откако еден Американец, ентузијаст за овој спорт одлучил да го сподели своето знаење со членовите на соколските друштва во далечната 1926 година. Играта има забавувачки карактер во наредните пет години, а ’најзагреани’ за овој нов спорт биле штипјани.

Петмина најзаинтересирани за овој спорт заминале на курс во Марибор каде за првпат се запознале со играта ’баскетбол’ која потекнува од државите ’преку океанот’. Трајко Кошевалиски, Лазо Каламатиев, Перо Сарев, Миле Севтимов и Перо Средзимов се амбициозните штипјани кои ги слушале предавањата на професорите од САД Мачус, а потоа информациите ги споделиле со пријателите од штипските соколски друштва.

Кошничка, без дно, прицврстена на бандера во дворот на соколскиот дом – описот на првиот кошаркарски обрач пред повеќе од 80 години. Двете страни имале по шест играчи, а гумената топка со која се играло била со големина на фудбалската топка.

Првиот официјален натпревар на територијата на Македонија се одиграл на 27. Август 1933 година. Теренот бил поставен непосредно до училиштето „Ванчо Прке“, а мрежичката на кошот ја изработил Петре Топликлиев. Петре Кавраков, Славе Кикиритков, Лазо Каламатиев, Киро Савев, Илија Гoчев, Ѓорѓи Спасков, Никола Гакев, Петар Самарџиски, Киро Шалков, Методи Балваналиев и ’судијата’ Трајко Кошевалиски биле актерите на првиот кошаркарски натпревар.

Интересот за овој нов спорт расте како што одминува времето, со краток прекин поради Втората светска војна. Потоа, се формираат и првите клубови  - Ванчо Прке, Македонија, Работнички, 11 Октомври, Работник, Беласица, ГД Куманово, Студент, Локомотива, Железничар...
Првото републичко натпреварување во женска конкуренција е помеѓу Вардар и Работник во 1948 година.

На 22. јануари 1950 година, во Куманово, Кошаркарскиот сојуз на Македонија стана самостоен на основачкото Собрание. Прв претседател на КСМ е Ацо Петровски, а прв секретар Драган Мандичевски.

Активностите на клупски план кулминираат со првата репрезентација која добива доверба да го организира Светското првенство за мажи (група Ц) во 1970 година.

Најистакнати кошаркари во тоа време се Георгиевски, Андоновски, Боцевски, Гешоски, Кацарски, Радуловиќ, Радосавлевиќ, Ј. Луковски, Горчевски, Георгиев, Лазов, Јовановски, Вангеловска, Књазев и Ж. Ѓуковиќ потоа тренерите Тодоровски, Лазиќ, Књазев, Андоновски, М. Луковски, Ј. Луковски, Матевски, Саздов, Ефтимовски, Цицимов, Наумчевски, Спировски како и Лазар Лечиќ кој го носи епитетот ’татко на македонската модерна кошарка’.

ОСАМОСТОЈУВАЊЕ НА КСМ

На 21. декември 1991 година, Кошаркарскиот Сојуз на Македонија побара  од Конгресот во Спрингфилд прием со полноправно членство во ФИБА. Барањето доби верификација на 30. април 1993 година, на седницата на Извршниот комитет на ФИБА во Порторико, Сан Хуан. Одлуката е потврдена на годишната Европска конференција на ФИБА во Осло, Норвешка на 22. мај 1993 година.

Денес, Македонската кошаркарска федерација брои 85 членки (регистрирани клубови) со 3.500 регистрирани кошаркари во сите категории, сениорски или младински.

Првите официјални натпревари на македонската сениорска репрезентација се забележани на квалификациите за континенталното првенство (1993 година) во Вроцлав, Полска во периодот од 30. мај до 1. јуни.  Оттогаш почнува пишувањето нова страница во историјата на кошарката на самостојната Република Македонија. 

ДОСЕГАШНИ СЕЛЕКТОРИ (сениорски репрезентации):
МАЖИ:
Александар Књазев
Благоја Георгиевски
Заре Марковски
Марин Докузовски
Јорданчо Давитков
Јовица Арсиќ
Марјан Лазовски
Алеш Пипан
Александар Џикиќ
Марјан Србиновски
Драган Раца

ЖЕНИ:
Стојна Вангеловска
Лидија Врбанова
Стерули Андоновски
Огнен Дедиќ
Горан Јовановиќ
Видоја Секулоски
Марјан Лазовски