На само неколку дена пред почетокот на тренинзите пред евроквалификацискиот циклус македонската женска сениорска репрезентација се соочува со сериозни проблеми поради повредите на капитенот Јелена Антиќ и на Ана Тантуровска.  Двете одлични кошаркарки во изминатите три дена играјќи за своите клубови заработија сериозни повреди поради што ќе мора да изостанат од теренот во наредните неколку месеци.

Тантуровска заработи скршеница на две ребра во дресот на Олимпијакос Волос додека Антиќ ги скина лигаментите на коленото на евролигашки напревар играјќи за Висла Кенпак.

Националната селекција има тешка задача пред себе. На патот кон Европското првенство ни стојат селекциите на Италија, Шведска и на Хрватска. Во ноемврискиот прозорец силите ќе си ги одмериме против искусната Италија која на овогодишниот Евробаскет заврши како седмопласирана и против Шведск а која изостана од континенталниот собир, но во ростерот има искусни играчи.

И покрај тоа што во претстојните евроквалификации ќе настапиме без две искусни репрезентативки, кои воедно беа и носители на играта, поддршката нема да изостане. Кошаркарките кои ќе добијат шанса да настапат во националниот дрес ќе мораат да смогнат сили и да дадат максимум од себе на теренот за да се надополни отсуството на Антиќ и на Тантуровска.

Македонската кошаркарска федерација им посакува што побрзо опоравување од повредите и враќање на кошаркарските терени.

Првиот натпреварв во овој циклус ќе го одираме на домашен терен против силната Италија. Натпреварот ќе се одигра на 11. ноември со почеток во 17:00 часот во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Вратите ќе бидат отворени за сите љубители на кошарката кои сакаат да ги поддржат репрезентативките.