Карпош Соколи, кој е единствениот македонски претставник во групната фаза од ФИБА Европа Купот запиша нов пораз во ова европско клупско натпреварување. Вторпат во групната фаза, Солноки Олај, унгарскиот клуб во групата Х беше посилен од македонскиот вицешампион совладувајќи го среде Скопје со 18 поени разлика.

„Соколите“ предводени од Ангел Тасевски на клупата заиграа поорганизирано од претходните натпревари, барем на почетокот. Гостинскиот состав беше во водство во поголемиот дел од првиот период, но домаќините успеаја да ја надополнат празнината во одбраната со брзи поени за преземање на водството. Првиот период Карпош Соколи го заврши со предност од пет поени (26-21), но потоа следеше период во кој воопшто немаше реализација. Гостинот ја искористи шансата и со серија од 0-14 направи висока предност која ја зачува до полувремето (34-45). Во вториот дел од натпреварот им ’тргна’ од рака шутот за три на домаќините, но бавната транзиција му овозможи на гостинскиот состав повторно да се одлепи резултатски, овој пат на ’минус 20’ (37-57), дотогаш највисока предност. Се консолидираа „соколите“ кон крајот на натпреварот, двојно намалувајќи ја негативата (61-71), но гостите одново направија серија за финално високо зголемување на предноста, до конечни 73-91 односно 26-21, 8-24, 17-23 и 22-23 по делници.

СТРЕЛЦИ
Колинс (2поена), Браун (6), Соколов (7), Мекфаден (14), Делиќ (4), Чомагиќ (17), Лабовиќ (15), Ѓуроски (8)