Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, одвои време за средба со Генералниот Секретар на Македонската кошаркарска федерација, Моника Гаврилоска. Премиерот ја искажа својата поддршка за националната селекција во женска сениорска конкуренција која вечерва го одигра првиот натпревар од првиот прозорец од квалификацискиот циклус за Европското првенство што во 2019 година ќе се одигра во Летонија и во Србија.

На приемот, двете страни се согласија дека националните селекции на Република Македонија, во кој било спорт, заслужуваат и им е неопходна поддршка во секоја смисла. Премиерот потоа го проследи натпреварот од трибините во спортскиот центар „Јане Сандански“. Натпреварот заврши со победа на селекцијата на Италија (52-61), седмата европска сила.

Нашите спортистки покажуваат дека со голем елан и борбеност ги бранат боите на Македонија на секој натпревар, а ние потврдуваме дека секогаш ја даваме поддршката на квалитетниот спорт. И покрај поразот нашите најдобри кошаркарки заслужуваат честитки за играта и залагањето. - напиша Премиерот на својата официјална Фејсбук страница непосредно по завршување на натпреварот.

Во знак на почит и благодарност за одвоеното време, Моника Гаврилоска на Премиерот Зоран Заев му предаде и дрес со неговото презиме како и топка потпишана од сите репрезентативни кошаркарки.