Кошаркарската Прва лига во машка конкуренција од коло в коло станува сè поинтересна. Седум кола беа потребни за да повеќе нема клубови во елитната сениорска конкуренција кои немаат запишано победа. За овој податок се погрижија кошаркарите од чаирски Шкупи кои го изненадија ланскиот вицешампион Карпош Соколи и на свој терен ја запишаа првата победа откако се дел од Првата лига.

Чаирчани, предводени од Енвер Мифтари, неколкупати беа близу до запишување на победа-првенец, но тоа за нив се случи дури во седмото коло. За освојувачот на државниот Куп оваа година ова е вториот пораз по оној од Фени Индустри во четвртото коло за кој на трикратниот шампион во домашното првенство му беа потребни дури две продолженија на играта.

Шкупи - Карпош Соколи 86-77 (25-20, 24-22, 21-15, 16-20)

Блокотехна повторно се врати на победничките патеки откако во минатото коло го доживеа првиот пораз во домашното првенство од Работнички во битката на непоразените (дотогаш). Овој пат, Блокотехна славеше над „галебите“ од Охрид за кои ова е прв пораз по три кола.

Блокотехна - АВ Охрид 92-78 (29-18, 16-18, 23-19, 24-23)

Кумановци лесно го ’искачија’ Кожув оставајќи го гевгелискиот колектив на дното на табелата во Првата лига. По седум одиграни натпревари од тековната сезона, Кожув има само една победа, Куманово има две повеќе.

Кожув - Куманово 67-82 (18-30, 18-17, 9-16, 22-19)

Струмица на гости кај Пелистер ја запиша првата победа оваа сезона. Промената на тренерската позиција ги ’размрда’ струмичани, но во правилната насока. Младиот тренер Васко Атанасов ги предводеше своите кошаркари во битолскиот ’вулкан’ до првата победа оваа сезона која воедно значеше и шести пораз за битолчани.

Пелистер - Струмица 76-86 (16-32, 26-21, 23-15, 11-18)

Од седмото коло остануваат уште два натпревара. Гостивар ќе го нагости Работнички утре (недела, 19. ноември) со почеток во 19:00 часот додека Фени Индустри и МЗТ Скопје Аеродром ќе го комплетираат колото.