Пред нашите репрезентативни кошаркари кои го носат националниот дрес во сениорскиот состав во овој претквалификациски циклус стои сериозен предизвик. Репрезентативците овој пат ќе немаат друг избор освен да го дадат максимумот од себе и да го поправат впечатокот од претквалификациите за СП2019 кои се одиграа во август оваа година.

Селекторот Давитков прозиваше на првиот тренинг на кој се појавија 15 кошаркари: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Бојан Крстевски, Ненад Димитријевиќ, Дарко Соколов, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ, Адем Мекиќ, Андреј Магдевски, Стојан Ѓуроски, Кирил Николовски, Љубомир Младеновски и Бојан Трајковски. Од првиот тренинг отсуствува Ѓорѓи Чековски кој синоќа заработи повреда на натпреварот помеѓу Работнички и Гостивар додека Бојан Трајковски замина кратко по појавувањето. Давитков ќе има неколку дена за формирање на идеалниот ростер со кој ќе ја нападне Словачка во Попрад на 23. ноември со почеток во 18:00 часот.

Ќе видиме каква е повредата на Чековски, па ќе решиме што и како со неговиот статус во репрезентацијата, а дефинитивно ќе играме без странец. За Трајковски, пак, знам дека треба да биде во екипата, а зошто не тренира сега навистина не знам. Ќе видиме деновиве каква ќе биде ситуацијата поврзана со него. Репрезентацијата ќе биде подмладена, со играчи кои во иднина ќе треба да бидат во улога на лидери. Словачка добро ја знаеме додека Швајцарија можеби е нешто поголема непознаница иако имам доволно информации за неа. Словаците дефинитивно ќе ни бидат најголемиот ривал со двајца Американци во тимот, едниот натурализиран, а другиот не знам каков е, ама им дозволиле да играат на таков начин. Ќе одиграме најдобро што можеме, а што ќе ни донесе тоа ќе видиме в недела навечер, после вториот натпревар од овој циклус. - истакна селекторот Давитков.

Капитенот Војдан Стојановски е подготвен за одново да ја води репрезентацијата, овој пат во уште потешка ситуација ако се земе предвид состојбата односно позицијата на македонската селекција во Европа.

Претходните две лета ни беа баш лоши за македонската кошарка. Ова ќе ни биде нов почеток, чекор нанапред од ова каде што сме сега. Првиот натпревар ќе ни биде со доста тежок противник, Словачка против која летово изигравме два натпревара. Станува збор за репрезентација засилена и со Американец така да ќе треба да се подготвиме баш добро. И ние сме без Американец, но мислам дека тоа нема да претставува проблем за нас. Мислам дека сите што сме тука во репрезентацијата во овој циклус сме свесни во каква ситуација сме и има некој притисок, но тоа е нормално. Сме играле сите под притисок и знаеме што значи тоа. Овој пат навистина – мора! – свесен е капитенот за состојбата на националниот тим.

Александар Костоски, репрезентативниот плејмејкер е оптимист во пресрет на натпреварите.

Секогаш е мило да се вратиш дома и да се собереш во националниот тим. Овој пат навистина се надеваме на подобар резулотат. Вечерниот тренинг ќе биде оној комплетниот на кој ќе видиме кои сме и што сакаме од противниците.  Нормално дека неуспехот ова лето ни е мотив повеќе. Сите сакаме да го поправиме впечатокот. навистина тоа беше едно непријатно искуство. Одиме напред, мораме да покажеме подобро лице во овие два натпревара кои можеби ќе бидат и клучни за финалниот исход во овие претквалификации. Словачка е незгоден противник, исклучително физички подготвена екипа особено добра на домашен терен така да овој натпревар можеби ќе биде и клучен за претквалификациите. – истакна Костоски.

Љубомир Младеновски, младиот кошаркар кој ќе биде главен во битката под обрачите, е во одлична форма за што сведочат и неговите партии во дресот на словенечка Илирија. Талентираниот ’Бубе’ е подготвен за да го даде максимумот од себе во националниот дрес.

Првпат после не знам колку години играме на овој начин, со прозорци во сезоната. Денес првпат се собираме, а периодот за подготовки и за тактики е краток. Се надевам дека моите соиграчи се чувствуваат добро и се здрави - пред се. Првиот натпревар ќе ни биде најтежок, на гостувањето кај Словачка. Се надеваме дека ќе извлечеме позитивен резултат. Битно е дома да ги победиме противниците дома со голема кош-разлика. Се прилагодив одлично во Словенија, добив одлична шанса и играм далеку повеќе отколку што играв тука. Здрав сум и верувам дека ќе придонесам доста за оваа репрезентација. - вели Младеновски