Тимот во unified кошарка од Специјалната Олимпијада на Македонија ќе биде гостин на националната селекција во машка сениорска конкуренција на Република Македонија  и на натпреварот против Швајцарија закажан за 26. ноември (недела) на полувремето ќе одигра краток натпревар за одбележување на Европската кошаркарска недела во Специјалната Олимпијада. Мечот со Швајцарија ќе се одигра во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток во 20 часот и 45 минути, а влезот ќе биде бесплатен за сите кои ќе сакаат да ги бодрат сениорите како и кошаркарите од Специјалната Олимпијада.

На 25. ноември 2017 година (сабота) со почеток од 9:00 часот до 15:00 часот во салата на КК Вардар (мала сала „Кале“) ќе се одржи кошаркарски турнир со кој ќе се одбележи Европската кошаркарска недела на Специјалната Олимпијада. Турнирот ќе опфати натпреварувања во традиционална кошарка, 'unified' кошарка и 3х3 баскет. Четиринаесеттата европска недела на кошарка во СО ќе се одржи во 35 земји обединувајќи повеќе од 19.000 спортисти, лица со интелектуална попреченост кои се членови на Специјалната Олимпијада.

Настанот е поддржан од 25 кошаркарски федерации и 60 професионални кошаркарски клубови  

Заокружувањето на активностите на Европската кошаркарска недела е на 3.декември 2017 година со семинари и демонстративни тренинзи за возрасната категорија во Конгресната сала на С.Ц. Борис Трајковски со почеток од 11:00 часот, кои ќе имаат цел да го доближат овој концепт на кошарка до оние кои имаат визија за инклузивно спортување.

Поканети се сите тренери кои гледаат можност за развој на своите кошаркарски програми да бидат дел од семинарот. Европската кошаркарска недела на Специјална Олимпијада е поддржана од ФИБА Европа и Евролига и преку нивната „One team“ програма од 24. ноември до 3.декември 2017 година ќе има за цел зголемување на можностите за спортување на лицата со интелектуална попреченост со што ќе се влијае врз квалитетот на нивниот живот и ќе се промовираат почитувањето,  прифаќањето и инклузијата на истите.