Нашата национална селекција во машка сениорска конкуренција денес ќе го одигра вториот натпревар од првиот прозорец во рамки на претквалификациите за Европското првенство што ќе се одигра 2021 година. Селекторот Јорданчо Давитков ги водеше своите избраници до победа на гости кај Словачка (66-74), а денес сениорите ќе се надигруваат против Швајцарија, вториот наш противник во групата A. Самодовербата е на високо ниво, но играчите мораат да бидат сконцентрирани вечер на паркетот.
 

После добрата игра и победата во Словачка очекувам да продолжиме во ист ритам. Првенствено го сакам истиот пристап и истата игра во одбрана па потоа ќе видиме. Швајцарија е малку непозната за нас бидејќи во последните три години репрезентацијата нема играно. Се работи за млада екипа која има неколку играчи од бившите југословенски простори кои сигурно знаат како треба да играат и дојдени се тука за да играат без некој посебен притисок. Им реков и на играчите, ние мораме да изиграме максимално 40 минути, без никакво потценување. на противникот, па на крај ќе го видиме резултатот. На овој натпревар ќе настапиме во истиот состав како и против Словачка со исклучок на Кире Николовски кој на синоќешниот тренинг се повреди на болка во задната ложа, па нема да ризикуваме да ја влоши состојбата. - истакна селекторот Давитков.

 

Натпреварот против Швајцарија ќе го одиграме вечерва, во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ со почеток во 20 часот и 45 минути и истиот ќе биде пренесуван на МРТ. Вратите ќе бидат отворени за сите љубители на кошарката кои ќе сакаат да им дадат поддршка на нашите сениори.