Осмото коло во машката сениорска конкуренција од домашното првенство ни го носи вечното градско дерби помеѓу двете најтрофејни екипи – Работнички, клуб кој сè уште го носи епитетот најтрофеен и МЗТ Скопје Аеродром кој доминира шест сезони по ред.

Натпреварот ќе биде одигран денес, со почеток во 17 часот и 45 минути во големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Металците ќе ги нагостат центарци со надеж дека ќе стават крај на перфектната низа на клубот од Градски Парк кој и по седум одиграни кола нема запишано пораз на своето прволигашко конто. Со овој суперинтересен натпревар двете екипи воедно ќе го затворат и осмото коло од прволигашката конкуренција.

Двете екипи нема да играат само за престижот ’уште една победа над лутиот ривал’, туку со мислите вперени кон поранешниот капитен и на двете екипи Стеван Гешоски. Македонската кошаркарска федерација веќе упати апел кон сите хумани граѓани да донираат за поранешниот репрезентативец кој пред две години доживеа мозочен удар и му се потребни средства за лекување со матични клетки во Москва.

Сите собрани средства од продадените билети за денешниот натпревар, кои чинат сто денари, ќе бидат донирани за животната борба на Стеван Гешоски. Натпреварот, за сите кои нема да бидат во можност да го проследат од трибините во СЦЈС ќе можат да го проследат на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ).

Управниот одбор при Македонската кошаркарска федерација одлучи дневниците од синоќешната седница да ги донира за Стеван Гешоски.

Време е за дерби, време е да бидеме хумани!


РЕЗУЛТАТИ ОСМО КОЛО ПЛМ
 

 Струмица  Шкупи       64 - 69
 АВ Охрид  Гостивар       77 - 81
 Куманово 2009  Пелистер       93 - 73
 Фени Индустри  Кожув       93 - 77
 Карпош Соколи  Блокотехна       50 - 84