Вкупно шест екипи го пријавија своето учество на турнирот за девојчиња до 14 години. Младите кошаркарки на Бадел 1862, Струга 2009, Шкупи, Трокал, Крива Паланка и на Гостивар ќе се надигруваат едни со други претстојниот викенд.

Екипите ќе бидат поделени во две групи (А и Б) од по три екипи. Ждребот за одредување на групите ќе се одржи утре (19. декември, 2017 година) со почеток во 12:00 часот (пладне) во просториите на Македонската кошаркарска федерација. 

Натпреварите ќе се одиграат по систем – секој со секого. По одигрување на трите натпревари во групите А и Б, екипите според освоените бодови добиваат пласман од 1-3.
НАТПРЕВАР ЗА ТРЕТО МЕСТО: Второпласирана екипа (А) со Второпласирана екипа (Б),
ФИНАЛЕН НАТПРЕВАР: Првопласираната екипа (А) со Првопласираната екипа (Б),
Победниците од натпреварите на првиот турнир ќе ги добијат натпреварувачките броеви за следниот турнир за сезоната 2017/2018 година.

Натпреварите ќе се одиграат во малата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“. Сатниците и конечниот распоред ќе биде објавен по утрешниот ждреб.

На последниот турнир од ваков тип триумфираа младите кошаркарки од Струга 2009 совладувајќи ги врсничките од Пелистер во финалниот натпревар. За третото место се бореа кошаркарките на Шкупи и на Трокал. Од овој натпревар како победник излегоа кошаркарките на Шкупи освојувајќи го третото место.