Агенцијата за млади и спорт донесе од одлука да од идната календарска година ги помага клубовите во младинските категории на федерациите кои имаат пријавено систем на натпреварување. Агенцијата, средствата ќе ги распределува кон федерациите кои потоа ќе ги проследат до клубовите кои ќе мораат наменски да ги користат за подобрување на условите за работа во младите категории. 

Уште од моето доаѓање на позицијата Директор ветивме силна поддршна на младинските категории како и афирмација на женскиот спорт. Креиравме мерки за таа цел, заедно со спортските федерации и идната година ќе им доделиме средства во висина од околу 25 милиони денари на 250 клубови. Листата на клубовите кои ќе добијат средства од Агенцијата за млади и спорт е објавена на нашиот вебсајт. Распределбата на средства се врши со потврда и одлука на матичната федерација за четирите првопласирани клубови во младинските лиги. Агенцијата ќе ја зголеми и практиката за контрола на клубовите, со оглед на тоа дека издвоените средства на клубовите се наменски за во младинските категории. Ако Агенцијата увиди неправилности во користење на наменските средства тогаш клубовите ќе бидат санкционирани, а средствата ќе мора да бидат вратени. Ние ќе продолжиме да се залагаме за иднината на младите спортисти и нивен правилен развој. Се што е во интерес на младите ние ќе се залагаме да го спроведеме и имплементираме. Веќе од наредната година ќе работиме напорно за да го зголемиме бројот на доделени стипендии „Спортска надеж“ поради зголемениот број на пријавени. - истакна Директорот на Агенцијата за Млади и спорт, Дарко Каевски, пред присутните Генерални секретари како и претставниците на медиумите. 

Листата на младинските клубови учесници во националниот спортски систем на натпревари организиран од националните спортски федерации кои што ќе добијат средства согласно распределбата по Конкурсот на АМС може да се погледне на вебсајтот на Агенцијата или на следниот ЛИНК.