Четири лути ривали меѓусебе денес попладне ќе се борат за трофејот од Купот.Пласманот одреди, да единствената опција за сретнување на градските скопски ривали е само во финалето и тоа се случи.

Во женската конкуренција сите вљубеници во кошарката денес со почеток во 16:00 часот во салата „Јасмин“ во Кавадарци (пренос на МРТ) ќе уживаат во реприза од минатогодишното финале. Скопското дерби кај дамите помеѓу најтрофејниот Бадел 1862 и ланскиот освојувач на Купот - Вардар.

Иако постои речиси две години, Вардарки се силен колектив, полн искуство кој знае како да изненади. Токму тоа го направи минатата година кога стави крај на доминацијата на Бадел 1862 во ова натпреварување. Досега, во регуларната сезона, Баделки двапати славеа над своите ривалки. Двајцата тренери синоќа најавија борба за ’превласт’ до последната топка. 

Во машката конкуренција пак, присутните в салата, како и оние пред малите екрани со ТВ приемникот вклучен на МРТ, со почеток во 19:00 часот ќе уживаат во уште едно скопско вечно дерби. Најтрофејниот Работнички ќе атакува на десеттата Куп-титула додека актуелниот шампион во домашното првенство, МЗТ Скопје Аеродром, ќе бара израмнување на сметките со лутиот градски ривал. Скорот во домашното првенство кажува дека клубот од Центар е во благо водство, но со Куп-натпреварувањето никогаш не се знае.

Како што најавија тренерите на финалистите - нека биде празник на кошарката и нека победи најдобриот!