Претседателот на Македонската кошаркарска федерација Петар Наумоски најде заеднички јазик со клубовите должници.
Кошаркарското првенство на Македонија ќе продолжи во редовниот ритам откако на  денешниот состанок помеѓу претседателот на МКФ Петар Наумоски и претставниците на клубовите од Првата лига беа решени сите несогласувања околу исплатата на финансиките побарувања кон МКФ од страна на екипите Струмица, Куманово, Кожув и на Карпош Соколи. 

Раководството на Струмица денеска плати голем дел од долгот по што од раководството на федерацијата во знак на добра волја доби  продолжен рок за уплата на  остатокот од парите, кои според договореното ќе треба да бидат уплатени до почетокот на Супер-лигата и плејаут натпреварувањето.

Договорен е и начинот на уплата на  долгот кон МКФ и со екипите на Куманово и Кожув. Со претставниците на двете екипи е договорено до петок да биде подмирен дел или пак целиот долг, по што суспензиите веднаш ќе бидат повлечени. Ако исплатата пак не е целосна истата да биде комплетно подмирена до почетокот на Суперлигата. За оваа одлука беа консултирани сите клубови од Првата лига, кои што веќе ги имаат подмирено сите обврски. 

„Постигнавме договор за нешто суштинско – за доброто на кошарката. Струмица собра значаен дел од сумата што ја должеше, па излеговме во пресрет на барањето на овој клуб остатокот да го плати до стартот на Супер-лигата или плејаут натпреварувањето, во зависност од пласманот во сегашната фаза. Со Кожув и со Куманово постигнавме договор ист така дел од сумата, или пак целата сума да биде платена до петок, за суспензиите да бидат кренати, а потоа доколку исплатата не е целосна истата да се комплетира до стартот на Супер-лигата. За ова се консултиравме со сите клубови кои веќе ги имаа подмирено своите обврски бидејќи не сакавме да се чувствуваат изневерени бидејќи ја уплатиле целата сума во предвидените рокови, па откако добивме зелено светло од сите нив ја прифативме оваа опција. Како што реков, ова е одлука што е донесена за доброто на кошарката“ – порача Петар Наумоски по постигнатиот компромис.