Кадетската машка репрезентација го освои бронзениот медал на Европското првенство во дивизија Б и се пласира во дивизија А.

Раководството на Македонската кошаркарска федерација, денеска во своите простории одржа прием со членовите на оваа репрезентација – кошаркарите како и членовите на стручниот штаб.

 

Би се навратил уште од самиот мој избор за претседател, каде што најголемиот акцент го дадов на работата со младите категории затоа што се гледаше веќе тоа од многу подалеку дека работата и континуитетот со младите изостанува во последните 15-16 години. На некој начин, вештачки се радувавме на успехот во 2011 година, затоа што мислевме дека со тој успех, ќе продолжи развојот на македонската кошарка и создавањето на младински играчи. Ако не се работи со нив, тие нема сами да се создадат. Почнавме со ангажмани и проекти врзани со ФИБА, пред две и пол години. Раководството на сегашната федерација има неколкугодишно искуство со тоа. Го направивме во соработка со турската кошаркарска федерација и ги користевме нашите лични врски за да издејствуваме проект кој може да го создадеме на наше тло. Видовме дека овој проект има позитивни импликации во развојот на децата, со самото тоа што дружбата на децата трае подолготрајно, за разлика од другите селекции. Зголемено е оваа година, го надополнивме со вистински подготовки и хемија којашто е потребна за подобрување на психофизичките карактеристики на секој играч. 2002 година е онаа што ја започнавме, не израдува, голема благодарност до стручниот штаб. Но, мора да напоменеме дека не застануваме тука, следи проект и за деца родени во 2003 година. Се изборивме и овој проект да продолжи со 2004 година. Исто така почнавме со работата и со девојчињата. Концентрирани сме на целата кошарка, не само на машката, туку и на женската кошарка. Се надевам дека сите што работат и сите што ќе работат во иднина ќе одат по ист правец и нема да погрешат, да направат отстапка од овие проекти. Интонациите на химните и најавите покажаа дека кај нашите деца има голема желба да играат со срце за оваа репрезентација и националниот дрес да биде како оној во екс-ју - престиж за секој спортист. Ова раководство веќе има програма, се заложивме да добиеме спортска сала во трајно користење на подолг период и ќе добиеме свој „дом“. Таму ќе продолжи активноста со репрезентациите, каде ќе има тренери, нутриционист, психолог... Ќе се работи за да се задржат сите деца и да не се дозволува нашите деца да одат надвор од нашите граници. - истакна Претседателот на МКФ, Петар Наумоски.

 

Најпрво, сакам да се заблагодарам на федерацијата која ме остави две години и шест месеци да работам со овие деца. Кога почнавме да работиме, имавме проблем со националното чувство кај децата. Тешко беше да се работи со деца и да им се стави до знаење дека националниот дрес е над се и пред се. Кога дојдовме на ЕП, децата дадоа се од себе на настанот, не беше тешко да се контролира. Сите оние турнири што ги игравме во минатото, помогнаа да целиот настан биде полесен за нас. Турнирот во Скопје, како и тестовите во Белград беа за нас Европско првенство пред настапот на ЕП. Со репрезентативците имам одличен однос, има перспективни играчи. Мора да продолжат да работат. Федерацијата го направи првиот чекор, се надевам дека ќе продолжат и во иднина да се градат млади играчи. - Дополни селекторот на оваа репрезентација, Александар Јованчев и му врачи еден од освоените медали на Претседателот Наумоски.