Репрезентацијата во женска сениорска конкуренција денеска го одржа првиот собир во пресрет на двата последните натпревари  во рамки на квалификациите за Европското првенство кое е на распоредот на ФИБА за идната календарска година.

На првиот собир се појавија дванаесет кошаркарки, од кои девет го одработија првиот тренинг. Репрезентативките Нена Трајчевска, Кристина Јаневска и Јелена Антиќ пријавија повреди, а во текот на оваа седмица на тренинзите ќе се приклучат и Матеа Николиќ, Софија Лазареска и Ивона Кожобашиовска. Ана Тантуровска ќе го пропушти и овој прозорец на евроквалификации поради повреда.

Целта на овие два натпревари е да се покаже перспективата на женската кошарка односно достоинствено да се завршат евроквалификациите.

- Ви благодарам на сите кои успеавте да одговорите на повикот и да се појавите за да и помогнете на репрезентацијата. Не чекаат два тешки натпревари со силни репрезентации кои многу добро ги познаваме. Навистина ми е жал што во овој квалификациски циклус не успеавме да ја насликаме реалната слика на репрезентацијата и да ги демонстрираме нејзините можности. Сметам дека најкомплетни бевме минатата година во јуни кога одигравме три натпревари овде во Скопје на турнир и оттогаш не можевме да се комплетираме во ниту еден прозорец од квалификациите. Без оглед на се, ќе мораме да покажеме дека не се предаваме уште пред да започне натпреварот. Имаме неколку дена за темпирање на формата и ќе се обидеме што подобро да ја претставиме репрезентацијата на натпреварите. - истакна селектор Марјан Лазовски непосредно пред почетокот на тренингот.

Претпоследниот натпревар во овој циклус ќе го одиграме на домашен терен, против селекцијата на Шведска (17. ноември, мала сала СЦЈС, почеток 20:15) додека последниот натпревар ќе го одиграме на 21. ноември во Забок, против репрезентацијата на Хрватска со почеток во 19:00 часот.