Тековната натпреварувачка сезона (2018/2019) во втората машка лига на МКФ има рекорден број на натпреварувачи кои низ 26 односно 22 кола во двата поделени региона, исток и запад, ќе се надигруваат за пласман во најсилната лига односно Првата лига во машка сениорска конкуренција.

Втората лига – исток и втората лига – запад започнаа кон средината на минатиот месец и досега се одиграат пет кола.

Во втората лига, источен регион, две екипи се без пораз. Ланскиот прволигаш Карпош Соколи одигра четири натпревари (слободен во петто коло) и запиша максимални четири победи и тоа против МЗТ Скопје Аеродром (69-76), Крива Паланка (101-54), Борец Баскет (59-64) и против Лирија 77 (99-42). Идентична е и ситуацијата со Академија ФМП – четири натпревари – четири победи. Во првото коло кошаркарите на Игор Гацов паузираа, во второто коло славеа против новајлијата ТФТ (82-75), потоа славеше против Дино Баскет (81-91) и против МЗТ Скопје Аеродром (73-70). Екипата на Борец Баскет засега е прворангиран на табелата во овој регион, со еден одигран натпревар повеќе, со 4-1 скор. Четворката на врвот ја комплетира МЗТ Скопје Аеродром со идентичен број на бодови како и непоразените (8), но со еден одигран натпревар повеќе (скор 3-2). Спарта во својата втора сезона како учесник во лигите на МКФ е на петтото место на табелата со седум бода (2-3 скор). По шест поени имаат Баскет Кам (2-2), ТФТ (2-2), Дино Баскет (2-2), Куманово (1-4) и Крива Паланка (1-4). Пет бода има Лирија 77 (1-3) додека на последното место на табелата е екипата на Милановски  со три пораза од три одиграни натпревари. Во наредното коло ќе има дерби на врвот помеѓу прворангираниот Борец Баскет и непоразената Академија ФМП, Карпош Соколи ќе го нагости Милановски, Куманово ќе разигрува со Лирија 77, ТФТ со Крива Паланка, а МЗТ Скопје Аеродром ќе гостува во Кочани кај Дино Баскет.

Во втората лига, западен регион, екипата на Тетекс не го дава врвот на табелата со максимални пет победи од пет одиграни натпревари. Досега на листата на ’жртви’ на тетовчани се најдоа екипите на Спортисимо (71-73), Феникс 2010 (74-54), Црн Дрим (66-65), ТНТ Ѓорче Петров (68-83) и Спорт Тим (92-70). Бод помалку и со скор од 4-1, зад Тетекс на табелата се екипите на Ангели, Работнички и повратникот во кошарката Хераклеа. Осум бода има Чаир 2010 (3-2), по седум бода и скор од 2-3 имаат екипите на Црн Дрим, Партизан Мулти Шпед и Феникс 2010. Четирите екипи во долната третина од табелата – Спортисимо, Гостивар, ТНТ Ѓорче Петров и Спорт Тим имаат по шест бода освоени од една победа и четири порази.
Во наредното шесто коло тетовчани ќе се обидат да го задржат перфектниот ритам на гости кај Хераклеа, Ангели ќе го пречека тимот на Спортисимо, Работнички  - Чаир 2030. Феникс 2010 ќе разигрува против ТНТ Ѓорче Петров, Гостивар со Партизан Мулти Шпед, а Спорт Тим од Неготино кој ланската сезона беше најуспешен во третата лига ќе го нагости тимот на Црн Дрим.