Кошаркарската приказна продолжува во Гевгелија! По одлично организиран натпревар во рамки на сениорската машка репрезентација како и 3x3 FIBA турнир во текот на изминатите шест месеци, Македонската кошаркарска федерација одлучи празникот на кошарката - државниот Куп да се одигра токму во градот Гевгелија. Денеска и официјално беше ставен потпис на договорот за соработка помеѓу Македонската кошаркарска федерација и клубовите Блокотехна и Кожув кои ќе бидат коорганизатори на натпреварите од државниот Куп, со поддршка од Општината Гевгелија. Викендот 15.-16. и 17. февруари, центарот на внимание на сите љубители на кошарката ќе биде свртен кон Гевгелија.

Спортскиот директор на МКФ, Владимир Темелковски, заедно со Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашко Поцков како и претставниците на клубовите, Ѓорѓи Гетов (Кожув) и Драган Ристов (Блокотехна) одржаа куса средба во Гевгелија договарајќи ги последните детали околу организација за натпреварите од Купот во машка и во женска конкуренција.

Системот за натпреварување во двете конкуренции (машка и женска, сениорска) ќе биде идентичен како и минатиот Куп односно во четврфинале, мажи првите осум пласирани екипи во ПЛМ по првиот дел од натпреварувањето (11. коло) ќе разигруваат меѓу себе по систем првопласирана екипа против последно пласирана екипа (1-8, 2-7, 3-6, 4-5) во рамки на четвртфиналните дуели. Во полуфиналните дуели ќе вкрстат двојките 1-4 и 2-3. Во женска конкуренција првите четири пласирани екипи по десеттото коло од натпреварувањето во ПЛЖ.

Во текот на наредните десет дена организаторите ќе објават одлука за присуство на навивачки групи како и за цената на билетите.

Напомена со клубовите во машка конкуренција: Во четвртфиналните натпревари важи правилото за тројца домашни играчи на терен во секој момент од играта, во полуфинале и финале ќе важат пропозиции за натпревари (СУПЕРЛИГА) - двајца Македонци на терен.