Денеска, во спортската сала „Шабан Трстена“ во скопската општина Чаир се испиша историја во кошарката во нашата република. Бисера Јакова започна нова страница во историјата на кошаркарските арбитри делејќи ја правдата на натпреварот помеѓу екипите на Шкупи и Гостивар во рамки на осумнаесеттото коло од Првата лига во машка сениорска конкуренција со што стана првата жена која е дел од судиско трио на натпревар во најсилната машка конкуренција.

За Бисера Јакова тековната календарска година е седма во судискиот дрес, а Македонската кошаркарска федерација вложи напори за да таа стане и првата жена судија со ФИБА значка од нашата република.

Македонската кошаркарска федерација се надева дека Јакова ќе ги инспирира останатите жени за да се впуштат во судиските води и да го следат нејзиниот пример!