Македонската кошаркарска федерација, по одлично организираното Европско првенство (Дивизија Б) за кошаркари до 18 години минатиот август, повторно доби шанса да организира младинско првенство. Овој пат, МКФ ќе го организира Европското првенство (Дивизија Б) за кошаркарки родени 2001 односно 2002 година (М16). Вкупно 22 национални селекции, меѓу кои и Македонија, ќе ги одиграат натпреварите во главниот град во периодот од 16 до 26 август.

По тој повод, двајца претставници од Светската куќа на кошарката (ФИБА) во изминатите 48 часа беа во работна посета во Скопје. Павел Бурда, кој е координатор за натпреварување и Лена Лисиечки која е координатор за настани во европската канцеларија на ФИБА и ги поминаа последните два дена заедно со генералниот секретар при Македонската кошаркарска федерација, Моника Гаврилоска, сè со цел да извршат финални проверки и контроли на спортските сали во кои ќе се одржува првенството, како и објектите (хотелите) каде ќе бидат сместени сите репрезентации. Впечатоците на двајцата, за кои оваа посета не е прва во Скопје, се позитивни.

Првиот селективен тренинг за кошаркарки родени 2001 односно 2002 година беше одржан пред речиси еден месец, а селекторското трио во состав од Стојна Вангеловска, Енвер Мифтари и Златко Мокров ќе одржат уште неколку сè со цел да ги одберат најдобрите 16 кои ќе се обидат да ја претстават Македонија во што подобро светло на континенталното првенство.