Трета година во низа кошаркарките на Бадел 1862 и Вардар ќе се надигруваат во финалето од државниот Куп. Изминатите две години вардарки  испишуваа клупска историја освојувајќи ги првите трофеи токму на ова натпреварување, одземајќи му го приматот на шампионот Бадел 1862.

Во рамки на полуфиналните дуели, баделки славеа против Струга 2009 (59-40), а вардарки апсолутно ги надиграа кошаркарките на Работнички (73-48). 
Додека кошаркарките од жолто-синиот табор сакаат да го разбијат малерот од Кавадарци каде ги загубија изминатите две Куп-титули, нивните денешни противнички сакаат да ја продолжат традицијата - победата во „Негорски Бањи“ синоќа да значи и победа во „26 април“ денеска.

Неколку меѓусебни дуели во регуларниот дел од натпреварувачката сезона 2018/2019 значи и доволно познавање на играчките ростери и на способностите на противникот, но ништо не оспорува супер-интересен натпревар во женска конкуренција.

Финалето ќе започне во 14:30, ќе се одигра во спортската сала „26 април“ и ќе биде директно пренесувано на МРТ.