Дваесет и седмиот трофеј во домашното првенство во машка сениорска конкуренција го чека својот сопственик, а битката за овој престижен трофеј почнува денеска. МЗТ Скопје Аеродром, Работнички, Блокотехна и Гостивар за неколку часа ќе ја започнат полуфиналната серија од плејофот која се игра во подобар од пет натпревара односно ’прв до три победи’ и ќе ја стартуваат борбата за шампионската титула во домашното првенство.

Според пласманот на табелата во Супер лигата за тековната натпреварувачка сезона, МЗТ Скопје Аеродром како првопласиран односно Работнички како второпласиран, оваа битка ја започнуваат со минимална предност - прв натпревар на домашен терен против нивните противници во оваа полуфинална серија - Блокотехна односно Гостивар.

Двата поуспешни тимови од овие полуфинални дуели ќе си ги одмерат силите во финалната битка во која влогот е државен првак. Четирите тимови ветуваат игра до последниот атом енергија и борба до последната секунда на семафорот.

Кошаркарската федерација на Северна Македонија им посакува успех и фер-плеј на сите учесници на овогодишниот Плејоф. 
Нека победи најдобриот!