Денеска со почеток во 19:00 часот нашата женска сениорска репрезентација ќе го одигра првиот натпревар на домашен терен во овој циклус на квалификации за Европското првенство закажано за 2021 година на календарот на ФИБА.

Кошаркарките кои ги бранат националните бои, предводени од тренерскиот тандем Ѓоровиќ - Дамњановски во улога селектор-асистент имаат шанса за ’поправен испит’ по претрпениот пораз пред три дена на гости во Германија. 

Кошаркарките по дванаесет месеца играат на домашен терен, последен пат тоа беше изминатиот ноември во рамки на претходниот циклус. На истата локација, една година подоцна нашите репрезентативки ќе се обидат да ја запишат првата победа во овој евроквалификациски циклус.

Вратите на големата сала при спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе бидат отворени за сите кои ќе сакаат да ги бодрат нашите црвено-жолти девојки. Оние пак кои нема да можат да го сторат тоа ќе можат да го следат натпреварот пред малите екрани на собранискиот канал на МРТ.