Карпош соколи славеше во првата четвртфинална пресметка од ЛИМАК Купот на РМ против составот на Вардар со 92-84. 

Ѓорѓи Кочов, тренер Вардар

- Мислам дека искуството и квалитетот на двете екипи е премногу видлив и премногу е во разлика. Меѓутоа, згора на тоа што нашите играчи првпат играа во ова натпреварување, завршница од Купот на Македонија. Влеговме со преголем респект, мечот го загубивме во првата четвртина. Што се однесува до Карпош Соколи им ја честитам победата и им посакувам среќа. Почнуваме да играме кога противникот ќе поведе 15-20 разлика, тоа е наша стара болка. Свесни бевме дека со малку повеќе залагање може да дојдеме во егал-завршница, тоа и се случи. Меѓутоа, подолгата клупа и квалитетот го направи своето, сепак, Карпош Соколи е клуб кој настапува во АБА-лигата

Војче Лефкоски, капитен Вардар

- Ние на почетокот на натпреварот не игравме на нашето ниво. Влеговме многу полежерно и тие успеаја уште во првиот период да ни направат голема разлика која им дозволи опуштена игра до крајот. Во вториот дел притиснавме повеќе, стигнавме и до некој егал, но пропуштивме неколку напади кои „соколите“ ги искористија. Тоа е тоа. На Карпош соколи им посакувам успешен турнир.

Драган Николиќ, тренер Карпош соколи

- Денес повеќе од мене тимот ми го составуваа лекарите на клубот. Сепак, со исклучок на двајца кошаркари кои со минутажата отидоа повеќе од предвиденото, остатантите одиграа како што планиравме. Јас не ни го гледав конечниот резултат, важно ни е дека победивме, бидејќи во Купот да се победи со 8 или 88 разлика е исто. Утре ќе бидеме поподготвени, верувам ќе настапиме со максимални сили против Работнички или Куманово. Не бегаме од улогата на фаворит во Купот, тоа АБА-лигашите мора да бидат. Така и ние и МЗТ Скопје, како и клубовите кои играат во Јадранската лига од регионот се фаворити за освојување на трофејот. Но, знаете дека и помалите екипи се надеваат на подвиг, впрочем тој полесно е да се направи во Купот, каде е само еден натпревар, само 40 минути и многу работи зависат од денот и расположението, отколку во плеј-офот каде се игра на 3-4 добиени натпревари

Кендрик Пери, играч Карпош соколи

- Беше добар натпревар. Започнавме одлично, со агресивна игра, а потоа си дозволивме да се опуштиме во второто полувреме. Тогаш шанса добија и помладите играчи кои едноставно немаат доволно искуство, но ова изложување на притисок беше добро за нив. Среќа за нас, успеавме да се вратиме и да победиме. Како што знаете, во Купот нема фаворити. Едноставно играте добро и имате ’добар ден’. Не размислуваме за тоа кој ќе ни биде следен противник, ќе го чекаме смирено и ќе се обидеме да ги послушаме советите на тренерот.