Генералниот директор на ЛИМАК Скопје, господинот Мурат Јурдал, предмалку пристигна во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци каде се одржува овогодишниот завршен турнир од кошаркарскиот Куп на Република Македонија.

Јурдал, во друштво на генералниот секретар при Македонската кошаркарска федерација, Моника Гаврилоска и комесарот за натпреварување Владо Цветковски, го следи вториот четвртфинален дуел во машка конкуренција на кој Фени индустри и АВ Охрид се борат за пласман во најдобрите четири екипи.

Инаку, Лимак Холдинг е светски реномирана компанија со седиште во Турција основана во 1976 година, специјализирана за секаков вид инфраструктурни и градежни проекти, вклучувајќи аеродроми, пристаништа, автопати, брани, хидроцентрали, фабрики, индустриски објекти, цевководи, хотелиерство и туризам.

Како компанија која поставува силно посакувани, високи стандарди во овие области, Лимак Холдинг се најде на листата на 250 Топ градежни компании рамо до рамо со светски докажани градежни магнати, според  Engineering News-Record (ENR).

Компанијата гради капитални објекти во повеќе од  13 земји во светот, а  успева да го трасира патот на успехот спојувајќи технички вештини и долгогодишно искуство, квалитет и брзина, напредна технологија и креативност, општествена одговорност и деловна етика.

Реномираната и светски позната градежна компанија Лимак за кратко време ќе започне со изградба на огромен комплекс вклучително и тунел на просторот околу Старата железничка станица во Скопје.

Лимак планира да инвестира околу 200 милиони евра во современ, атрактивен, мултифункционален деловно резиденцијален комплекс кој ќе има за цел да го спои симболот на градот-Старата железничка станица со модерните потреби и животни навики на граѓаните на Скопје.