Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, Работнички, го мина првото скалило од ЛИМАК Купот на РМ. „Центарци“ го совладаа Куманово со 87-81 односно 24-13, 18-16, 21-22 и 24-30 по делници и се пласираа во полуфиналето каде ќе се пресметаат со Карпош соколи кои во првиот четвртфинален натпревар беа подобри од Вардар.

Поранешниот репрезентативец, Ѓорѓи Чековски со шут зад линијата за 6,75 метри го отвори резултатот и ја најави доминацијата на неговиот клуб што следеше во наредните 30 минути. Марин Докузовски знаеше како да го надмудри својот поранешен асистент, Марјан Србиновски, па така, „центарци“ без многу мака за нешто помалку од четири минути игра имаа двоцифрена предност (15-5). Се разиграа Петар Николиќ, како и капитенот Димитар Мираковски чии поени од далечина му овозможија на Работнички да ја сочува двоцифрената предност и во наредните 30 минути. На одмор по вториот период се замина при резултат 42-29 во корист на ’домашниот состав’.

Македонскиот вицешампион заигра нешто подобро во вториот дел од натпреварот, но ниту зонската одбрана не можеше да ги спречи шутерите на клубот од „Градски Парк“ да поентира. Кошаркарите на Работнички се одмаздија за минатогодишниот четвртфинален натпревар од државниот Куп кога токму Куманово ги елиминира. Три реализирани тројки во низа кон крајот на третиот период беа доволни за 15 поени предност (62-47) и висока самодоверба за избраниците на Марин Докузовски. Во последниот период тој рецепт го искорисрија кумановци за намалување на ’минус пет’ (70-65). Повика Марин Докузовски тајмаут и во наредните две минути играчите кои ја добија неговата доверба на паркетот повторно ја зголемија разликата на десет поени (77-67). Во наредните 30 секунди игра, Данило Мијатовиќ беше одличен во рекетот што им помогна на неговите соиграчи да се доближат на четири поени негатива (79-75) на сто секунди до крајот на средбата. Последните моменти од дуелот мина со Мираковски и Мишановиќ во центарот на вниманието кои беа доволно сигурни во својата игра за да му донесат нов триумф на Работнички.

Стрелци на натпреварот:
Работнички: Димитар Мираковски (19 поени), Ненад Мишановиќ (23 поени), Ѓорѓи Чековски (16 поени), Петар Николиќ (10 поени).
Куманово: Марјан Јанески (12 поени), Данило Неговановиќ (15 поени). Димитар Караџовски (16 поени), Никола Караколев (10 поени), Јонел Браун (14 поени)