Кошаркарите родени 2001 односно 2002 година утринава во спортската сала на Вардар (мала сала „Кале“) под диригентската палка на селекторското трио во состав Горан Ѓорѓиевски, Никола Божиновски и Горан Даниловски го одржаа првиот селективен тренинг. Иако кадетските репрезентативци пред нешто повеќе од еден месец ги започнаа своите активности, на пријателски турнир во Истанбул, а на денешниот список на селекторите се најдоа вкупно 35 кошаркари кои ќе се борат за место во најдобрите 16 кои ќе го носат националниот дрес на Република Македонија. 

„Сега ве има многу, 35 вкупно во двете групи, но на крајот ќе останат само најдобрите. Тие што сакаат да трчаат и да работат ќе бидат дел од репрезентацијата. Тука нема место за 'манекени' и такви што не сакаат да работат“ - кратко и јасно им порача селекторот Ѓорѓиевски на младите кошаркари за време на селективниот тренинг.

Кадетите оваа година ги очекува континенталното првенство што од 10. до 19. август ќе се одржи во Софија, Бугарија.

Сите фотографии од денешниот селективен тренинг можете да ги погледнете на официјалната Фејсбук страница на Македонската кошаркарска федерација или на следните линкови - ПРВА ГРУПА и ВТОРА ГРУПА.