Карпош соколи втора година по ред се пласира во финалето на националниот Куп откако во полуфиналната пресметка беше подобар од Работнички со 78-92.

Драган Николиќ, тренер Карпош соколи

- Оваа генерација имаше не така лесна задача да го повтори успехот на минатогодишната, која дојде до финале и ја избори АБА лигата. Затоа посебно ми е драго што успеавме да се пласираме во финалето и да се бориме за трофејот. Важна работа беше тоа што Работнички вчера имаше многу потешка задача, тие се ривали со Куманово и сигурно се потрошија во очи денешниот меч. Тоа ние го знаевме и затоа штедевме некои кошаркари вчера, а и игравме на поголем број на поседи во текот на денешниот меч, како би ја искористиле свежината која ја имаме. Мислам дека успешно ја завршивме задачата и заслужено се пласиравме во мечот за титулата утревечер.

Игор Пенов, капитен Карпош соколи

- Сакам да им честитам на Работнички за добрата подготвеност за овој натпревар. Дефинитивно пресуди нашата подолга клупа на крајот. Ние бевме помотивирани, ги исполнивме задачите што ни ги дадоа тренерите и успеавме да го извлечеме максимумот од себе. Работнички имаа потежок натпревар претходно што нам ни овозможи да бидеме поодморени. Во моментите кога тие ја намалија разликата ни опадна концентрацијата, но успеавме да се собереме и да победиме. Тоа особено ни значи бидејќи Работнички има искусни играчи во својот тим кои знаат да играат одлично и на ’минус 15’. Кој и да ни биде следен противник знаеме дека нема да биде лесно. 

Марин Докузовски, тренер Работнички

- Тоа што го кажав пред натпреварот, тоа и се исполни. Првин сакам да им ја честитам победата на Карпош соколи, која сосема заслужено ја остварија и им пожелувам успех во финалето. Што се однесува до нашата игра, мислам дека додека имавме свежина во првото полувреме можевме да им парираме на играта. Имавме и неколку ситуации каде го намалувавме резултатот, стана тесно, меѓутоа големиот број на промашени слободни фрлања си го направи своето. Инаку мислам дека ќе имавме подобар резултат. Во второто полувреме веќе снемавме енергија, четвртата лична грешка на Чековски си го одигра своето. Кога и да успеевме да намалиме, по некое непишано правило примавме по две-три лесни тројки, промашивме и неколку отворени шутеви и сето тоа скапо го плативме на крајот.

Виктор Ефремовски, играч Работнички

- Едноставно пресуди нивната подолга клупа. Ние се држевме додека имавме енергија, во првото полувреме, а потоа уморот не ни дозволи да доиграме како што знаеме. Изгубивме свежина, и погодија и некои тројки во финишот и заслужено победија.