Селекторот Мирко Петрески заедно со тренерите Дарко Радуловиќ и Драган Миленковиќ го закажуваат првиот собир на кошаркари родени 1997 односно 1998 година. За кошаркарите кои се натпреваруваат во М20 возрасната категорија ова ќе биде првиот собир во тековната календарска година.

Собирот односно тренингот ќе биде одржан в недела (9. април 2017 година), а кошаркарите ќе бидат поделени во две групи. Првата група од селективен регион Скопје ќе излезе на паркетот во 14:00 часот, а ќе заврши со тренингот во 15:30 кога нивното место ќе го заземат кошаркарите од втората група од селективен регион – останати градови од Република Македонија. Селективниот тренинг ќе се одржи во спортската сала на Вардар (мала сала „Кале“).

Националниот состав до 20 години ова лето ќе настапи на континенталното првенство во Орадеа, Романија што ќе се одржи во периодот од 14. до 23. јули.

Селекторското трио ги повикува сите клубови од Република Македонија да испратат по три играчи. Клубовите кои не се во можност да го сторат тоа мора да ја известат канцеларијата на МКФ.