Македонската кошаркарска федерација сака да упати јавен апел до сите хумани луѓе на просторите на Република Македонија.

Станува збор за поранешен кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром и на Работнички како и поранешен технички директор на македонската репрезентација, Стеван Гешоски, кој пред речиси две години доживеа исхемичен мозочен удар. Како последица од ударот поранешниот кошаркар има отежнат говор, парализирана десна страна како и силни болки во екстремитетите на десната страна и на вратот. Првичниот третман од физикална терапија речиси и да не помогнал, па лекарите на Стеван Гешоски му препорачале операција со која би се намалиле болките, но и таа е завршена без многу успех.

Долгите разговори со доктори од државата и од странство претставија една идеја која се чини како засега најадекватна метода за лекување, а тоа е терапија со матични клетки. Терапијата се врши во Москва (засега единствена во светот) во времетраење од дванаесет (12) дена. Имајќи ја на ум дијагнозата на Гешоски, лекарите веруваат дека со помош на оваа терапија би ги вратиле моторните функции на екстремитетите и на говорниот апарат и дека во целост тој би бил ослободен од константните болки кои мора секојдневно да ги издржува.

Терапијата со матични клетки во Москва чини 17.000 евра.

Стеван Гешоски во последните неколку години е невработен и земајќи ја предвид моменталната состојба на поранешниот кошаркар, Македонската кошаркарска федерација сака да им се обрати на сите хумани луѓе кои ќе имаат волја и желба, да донираат во рамките на нивните можности.

МКФ се вклучи во собирањето на средства за новата животна борба на поранешниот кошаркар.

Прифатена е иницијативата на Судиската комисија при МКФ за донирање на хонорарите на сите официјални лица на едно регуларно коло (4. коло) од Супер лигата и Плејаут лигата односно 13. коло од М20 лига, а донација има и од страна на Здружението на кошаркарски тренери.

„Без нималку двоумење и без размислување Здружението на кошаркарски тренери одлучи да донира средства за новата животна борба на Гешоски. Тој е моја генерација, се познаваме одамна. Ние сме им помагале на многу луѓе со донирање на средства така да и овој пат тоа нема да биде исклучок“ – истакна Драган Василов – Цевка кој е претседател на Здружението на кошаркарски тренери.

БРОЕВИ ЗА ДОНАЦИЈА!

075 143 472
077 143 472
070 143 108

Сметка за уплата (НЛБ Банка): 210501570305113
Матичен број: 2212956450033
Адреса на живеење: Ул. Мексичка бр. 3, Скопје