Во крајно изедначен натпревар, екипата на Фени индустри славеше над МЗТ Скопје Аеродром со 80-79 (16-22, 26-16, 17-25, 21-16) и со тоа го елиминира актуелниот шампион од ЛИМАК Купот на РМ. Кавадарчани им ги скратија крилјата на „штрковите“ од Скопје кои, барем засега, ќе остнат со само осум Куп-трофеи во своите витрини.

Девон ван Острум кој е најновото име во таборот на аеродромци го водеше својот тим до првата двоцифрена позитива по шест минути игра. Избраниците на Анте Назор форсираа брза транзиција која домаќините не можеа да ја спречат, па разликата продолжи да расте. Љупчо Малинков одлучи да направи мали промени во петорката на паркетот, па следеше серија од 11 уфрлени поени за кавадарчани наспроти ниту еден за гостите. Петте минути кои „металците“ ги поминаа без реализирани поени ги чинеше водството, па на одмор се замина со резултат од 42-38 во корист на домашниот состав.

Непосредно пред крајот на второто полувреме, Назор сотана и без Острум кој при незгоден пад мораше да го напушти теренот со помош на своите соиграчи. Тоа дополнително влијаеше над играта на гостите кои не можеа да сметаат на асистенциите на Холанѓанецот.Во третиот период се разигра Даниел Кларк и Јане Петровски имаше проблеми да ја мине половината на теренот. Пресингот дојде во вистински моменти за кревање на самодовербата на кошаркарите од клубот од Аеродром. Стајиќ сепак не дозволи да опадне концентрацијата кај неговите соиграчи и со прецизен шут за три поени намали на ’минус еден’ (62-63). Наредните три напади ги реализира капитенот на кавадарчани и му донесе водство на својот клуб.

На 30 секунди до крајот на натпреварот, при еден поен водство за МЗТ Скопје Аеродром (78-79), Шарабиѕе реализира од поле за целосен пресврт (80-79) и победа.

Стрелци на натпреварот:
Фени индустри: Кирил Николовски (22 поени), Бобан Стајиќ (16 поени)
МЗТ Скопје Аеродром:Ѓорѓе Дреновац (16 поени), Џош Скот (14 поени), Јуре Лалиќ (19 поени), Ксавиер Темс (12 поени)