Актуелниот шампион во домашното натпреварување, МЗТ Скопје Аеродром резултатски заостануваше речиси целиот натпревар против Карпош Соколи, а дури на почетокот на вториот дел од натпреварот кошаркарите од клубот од Аеродром стигнаа до егал. Следеше изедначен дуел на паркетот во ВИП Арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“ во кој двете екипи се фокусираа на одбраната. Поените реализирани зад линијата за три беа адутот на гостинскиот состав во финишот. Три тројки, реализирани од страна на Симоновски (две) и Клоф (една) значеа и минимално водство за самодоверба и смирена игра на „металците“ до крајот на натпреварот.

Стрелци на натпреварот:
Карпош Соколи: Пери (23 поени), Лабовиќ (20 поени) Трајковски (25 поени)
МЗТ Скопје Аеродром: Мијатовиќ (11 поени), Ѓуроски (15 поени), Симоновски (16 поени), Лалиќ (13 поени), Клоф (16 поени)
 

На трикратниот шампион во домашното првенство, Фени индустри, му беа потребни пет дополнителни минути игра во четвртиот натпревар од тековната Супер лига за да стигне до првиот триумф и тоа со 101-98 (18-22, 21-18, 12-23, 32-20, 18-15) над соодветната екипа на Куманово. Кавадарчани, се чинеше како да се откажаа од игра на почетокот на вториот дел од натпреварот, но двете минути пауза пред почетокот на последниот период беа сосема доволни за  да Љупчо Маинков ги мотивира своите избраници да се изборат за дополнително време за игра. Фуриозниот старт на почетокот на петте екстра минути им ја донесе првата победа на кавадарчани во оваа сезона на Супер лигата.

Стрелци на натпреварот:
Фени индустри: Стајиќ (14 поени), Пантиќ (27 поени), Николовски (22 поени), Пајиќ (11 поени), Ѓекиќ (12 поени)
Куманово: Караџовски (27 поени), Браун (23 поени), Караколев (12 поени), М.Пековиќ (12 поени), Јанески (10 поени)
 

Натпреврот одигран помеѓу екипите на Работнички и на Кожув беше единствениот кој заврши по истекот на регуларните 40 минути. Впрочем, како и досега во тековната натпреварувачка сезона и двете екипи се бореа за преземање на минимално водство од самиот почеток на натпреварот, но во моменти кога гевгеличани требаше да ја искористат бавната транзиција на домаќинот тоа не го направија. Бројот на грешки продолжи да расте, а поени од линијата за слободни фрлања беа пресудни за изедначување од страна на „центарци“, а потоа и задржување на минималното водство до крајот на натпреварот, до конечни 68-67 (15-20, 23-18, 14-16, 16-13).

Стрелци на натпреварот:
Работнички: Илиевски (13 поени), Чековски (12 поени), Мишановиќ (10 поени), Николиќ (11 поени), Тасовски (11 поени)
Кожув: Мекнил (13 поени), Штерјов (12 поени), Ѓурасовиќ (11 поени)