Дваесет и седум кошаркари го минаа првиот рез на селекторот на националниот состав до 18 години, Ѓорѓи Кочов. Во координација со Атанас Димов и менторот Бранко Андриевски, селекторот го скрати првиот список на кој имаше 35 имиња на млади кошаркари.

Кошаркарите кои синоќа попладне го одработија третиот селективен тренинг во оваа календарска сезона ќе се борат за националниот јуниорски дрес, кој носејќи го ќе се натпреваруваат на Европското првенство (Дивизија Б) што ќе се одигра во периодот од 29. јули до 6. август во Талин, Естонија.

„Го одработивме третиот селективен тренинг, на кој за првпат почнавме да поставуваме основни принципи од тоа што ќе сакаме да играме во напад и во одбрана. Задоволен сум од заложувањето на играчите и нивната желба за докажување во борбата за националниот дрес. Моја желба е да сите овие играчи тренираат заедно уште најмалку три недели со што би добиле појасна слика при нашата селекција.

Сите добро знаеме во каква ситуација и на кое ниво се наоѓа македонската младинска кошарка, како и кошарката севкупно. Со оглед на тој факт селекцијата на играчи ќе биде основно базирана врз проценката на тоа кои играчи во иднина би можеле да заиграат за А селекцијата и на тоа кои играчи би можеле професионално да се бават со кошарка. Дефинтивно и на ова претстојно првенство висината ќе биде голем проблем за нас, но верувам дека со напорна тимска работа сите недостатоци поготово во одбрана ќе ги сведеме на минимум.

Нè чека напорна работа, при тоа не мислам само на директно вклучените во репрезентацијата, туку и на колегите кои работат со тие играчи во клубовите. Ова е заеднички проект и доколку е само така сфатен можеме да очекуваме дека во иднина би добиле квалитетни играчи и со тоа би ја подигнале македонската кошарка на едно повисоко ниво. Исто така би испратил порака до сите играчи кои нема да успеат да се изборат за дрес во репрезентацијата, да не очајуваат и да не се разочаруваат, туку напротив тоа да го сфатат како мотив плус за понапорно да работат во иднина. Како што кажува еден од нашите најдобри тренери „Во кошарката си добар онолку колку што си бил добар на последниот натпревар" и тој факт не смее никогаш да се заборави“
– се впечатоците на Кочов по селективниот тренинг.