Вториот натпревар од седмото коло во тековната натпреварувачка сезона од Супер лигата беше одигран помеѓу Карпош Соколи и Фени индустри во кој домаќинот убедливо запиша нов победа. Во реприза од финалниот натпревар во овогодишниот Куп на Република Македонија, домаќините одново победија, овој пат со убедливи 83-61 односно 19-17, 27-9, 21-16 и 16-19 по делници. За „соколите“ ова е враќање на победничките патеки откако во минатото коло клубот од Карпош загуби од Работнички.

По 60 секунди игра на паркетот во ВИП Арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“, Љупчо Малинков остана без еден од своите играчи. Матија Чешковиќ, искусниот шутер кој досега беше еден од носителите на игра во кавадаречкиот состав, доживеа страшна повреда на скочниот зглоб поради што мораше да биде повлечен од игра. Кошаркарите од гостинскиот состав не дозволија повредата на нивниот соиграч да им ја разниша концентрацијата и да им влијае на самодовербата. Барем таков беше случајот во првиот период. Потоа на ’сцена’ настапи заморот, а ограничената ротација си го направи своето. Вториот период домаќините го добија со убедливи 27-9 со што направија и повеќе од доволна предност (46-26 на полувремето) за смирена игра во вториот дел од натпреварот.

Стрелци на натпреварот
Карпош Соколи: Пери (17 поени), Трајковски (13), Лабовиќ (153), Соколов (11), Мавра (12)
Фени индустри: Шарабиѕе (10 поени), Стајиќ (11), Ѓекиќ (11)