По четиринаесет одиграни натпревари клубовите кои се натпреваурваат во домашното првенство на Република Македонија денес почнуваат со разигрувањата од Плејофот. Конечната битка за титулата од тековната натпреварувачка сезона ќе ја започнат Бадел и 1862 и Шкупи во првото полуфинале односно Вардар и МНА Кожувчанка во вториот полуфинален натпревар.

Шкупи ќе биде првиот клуб кој ќе го предизвика актуелниот шампион во домашното првенство, Бадел 1862. Баделки во изминатите три сезони се неприкосновени на врвот во домашното натпреварување освојувајќи двојни круни – титула во првенството како и трофеј од Купот на Република Македонија (2014, 2015, 2016). Апсолутната доминација во двете натпреарувања беше прекината оваа година во рамки на (ЛИМАК) Купот на РМ каде Вардар го освои трофејот оставајќи го Бадел 1862 со прв сребрен медал. Губењето на тој трофеј сигурно ќе влијае на самодовербата на избраничките на Перо Стамески кој ќе треба дополнително да ги мотивира своите кошаркарки имајќи ја предвид мотивацијата на кошаркарките на Шкупи кои ќе тргнат по пишување на нова страница во клупската историја. Минатата натпреварувачка сезона, Шкупи беше елиминиран во полуфиналето, од Бадел 1862 (2-0 во меѓусебни натпревари).

Првиот полуфинален натпревар ќе биде одигран денес (18. април) во спортската сала „Независна Македонија“, а ќе започне во 20 часот и 30 минути.

Вториот полуфинален натпревар ќе биде одигран помеѓу Вардар и МНА Кожувчанка утре (20. април) со почеток во 19:00 часот во спортската сала на Вардар (Мала сала „Кале“).

Вардарки веќе имаат еден трофеј во своите витрини, тој од Купот освоен пред два месеци кој сигурно ќе биде стимул за предизвикот кој им претстои. За нив, борбата за прво финале во клупската историја ќе започне на домашен терен против МНА Кожувчанка, клуб со кои беа речиси изедначени во рамки на регуларниот дел од сезоната.

Полуфиналната серија се игра до два добиени натпревари или подобар од три натпревари.