Марјан Лазовски е назначен за нов селектор на сениорскиот национален тим на Република Македонија во женска конкуренција.

За Марјан Лазовски ова ќе биде нов правец во професионалната кариера односно прв предизвик како тренер/селектор на состав во женска конкуренција.

По бројните ангажмани на клупски план како тренер, Марјан Лазовски пет години беше и дел од стручниот штаб на сениорскиот национален тим во машка конкуренција, а го предводеше како селектор во 2012, на Олимписките квалификации во Венецуела.

„Досега не сум работел во женска кошарка, но според мене разлика во машката и женската кошарка не постои. Мислам дека имаме солиден состав, девојките се подисциплинирани, поисполнителни и поработливи. Најпрвин мислам дека треба да направиме одлична атмосфера, а потоа верувам дека ќе следат и добри игри. Со дисциплина и добра игра, нема да изостанат и резултатите, тоа е сигурно. Турнирот ќе ни служи за проверка на силите по три години пауза, а во квалификациите ќе влеземе без оптеретување за задолжителен пласман на Европското првенство“ – се првите импресии на Марјан Лазовски по назначувањето.

Првиот собир сениорките ќе го одржат на 26. мај, во Скопје. Како дел од подготвителниот период во пресрет на почетокот на квалификацискиот циклус (ноември, 2017 година) Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнир „Трофеј Македонија“ во женска конкуренција каде покрај Македонија учество ќе земат националните селекции на Бугарија и Босна и Херцеговина. Турнирот ќе биде своевидна проверка на силите на сениорките пред оформување на конечниот состав на кошаркарките кои ќе го носат националниот дрес.

По три години отсуство од кошаркарската сцена во целост, МКФ одново го активира сениорскиот национален тим во женска конкуренција пријавувајќи ги сениорките за квалификациите за Европското првенство закажано за 2019 година.

Ждребот за составот на групите за квалификациите за Европското првенство ќе биде одржан на 4. јули во Минхен кога ќе бидат обелоденети и имињата на земјите-домаќини.