Македонската кошаркарска федерација вторпат ќе организира турнир за девојчиња до 14 години. Овој пат, турнирот ќе се одржи во Вевчани, а на него учество ќе земат шест екипи од Република Македонија. Клубовите Трокал, Баскет Кам, Гостивар, Шкупи, Бадел и освојувачот на првиот турнир екипата на Струга комбинирани во две групи ќе си ги одмерат силите претстојниот викенд (29. и 30. април) во спортската сала во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани. 

Првиот ден (29. април) секоја екипа ќе одигра по два натпревари, по еден со секој противник во групата во еднокружен систем. Вториот ден првопласираната екипа во првата група ќе се пресмета со второпласираната екипа од втората табела во рамки на првото полуфинале додека во второто полуфинале ќе се сретнат второпласираната екипа од првата група и првопласираната екипа од втората група. Доколку две екипи завршат со идентичен број на бодови на крајот на групната фаза, кош-количникот ќе биде пресуден за финалниот пласман.

Поразените ќе се натпреваруваат за третото место, а финалето ќе биде последно на распоредот на турнирот.

Времетраењето на една четвртина ќе биде осум минути со десет минути пауза помеѓу двете полувремиња.