Актуелниот шампион во домашното првенство, МЗТ Скопје Аеродром со победа над Карпош Соколи го завери првото место на табелата во тековната натпревaрувачка сезона од Супер лигата.

Најтрофејниот кошаркарски колектив на Република Македонија, Работнички имаше лесна задача во Гевгелија каде новите два бода ги заработи нанесувајќи му пораз на Кожув.

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром имаа идеја со зона да го бранат својот рекет, но Кендрик Пери лесно успеваше да ја пробие. Поголемиот дел од обидите на организаторот на игра на „Соколите“ завршуваа безуспешно, а веднаш под обрачот се наоѓаа Дреновац и Мијатовиќ кои ги прибираа топките и ги проследуваа кон своите соиграчи. Уште во првиот дел од натпреварот домаќините на овој натпревар наталожија удобно водство кое во вториот дел се искачи и на 20 поени (65-45). Лошата комуникација на моменти помеѓу играчите од таборот на актуелниот освојувач на трофејот од Купот значеше и голем број на грешки кои искусниот состав на клубот од Аеродром знаеше како да ги казни. Во финишот МЗТ Скопје Аеродром славеше со конечни 80-61 (28-17, 14-16, 23-15, 18-13).

Стрелци на натпреварот

МЗТ Скопје Аеродом: Темс (20 поени), Клоф (13), Дреновац (17), Лалиќ (17)
Карпош Соколи: Пери (16 поени), Лабовиќ (13)

Во Гевгелија пак, Работнички со добра игра во првиот дел си ја осигура победата против Кожув, па вториот дел беше одигран со доза поопуштена игра. Ненад Мишановиќ одново одигра на висина на задачата и го ’потопи‘ противникот, а овој пат ја имаше и поддршката од капитенот Димитар Мираковски кој на минатиот натпревар имаше реализаторска криза (реализирани само 3 поени). ВО финишот, Работнички славеше со 75-82 (19-27, 12-25, 21-20, 23-10).

Стрелци на натпреварот

Кожув: Крстевски (18 поени), Мијовиќ (13)
Работнички: Мишановиќ (23 поени), Мираковски (13), Тасовски (13), Илиевски (12)