Кошаркарките на Вардар и на Бадел 1862 повторно ќе си ги одмерат силите во едно големо финале во оваа календарска година и натпреварувачка сезона. Двете екипи, пред нешто помалку од три месеци, со меѓусебен дуел во финалето од ЛИМАК Купот на Република Македонија го одлучија победникот, а денес ќе ја започнат финалната серија во Плеј-офот. Три победи се потребни за освојување на шампионската титула во домашното првенство од тековната натпреварувачка сезона.

Во последните три сезони, Бадел 1862 е неприкосновен на врвот кога станува збор за титулата во домашното првенство. Тој факт сигурно влијае на самодовербата на „баделки“ во исто време мотивирајќи ги „вардарки“ за нов предизвик на домашната кошаркарска сцена. Домаќините ќе настапат во комплетен состав наспроти пократката клупа на Вардар (споредено со финалето од Купот) поради повредата на Драгана Јоловиќ како и промените во ростерот по заминувањето на Американките Ешли Ватс и Делиса Шарп.

„Оваа финална серија очекувам натпревари со жар и со голема желба за победа од двете екипи, борба до последните секунди. Воопшто не мислам дека задачата ќе ни биде олеснета заради кратката клупа на Вардар. Во нашиот состав имаме и ние млади девојки со мало искуство за вакви натпревари, но ова е една шанса за нив која треба максимално да ја искористат. Изгубениот трофеј од Купот нема да делува на нашата самодоверба. Не се откажуваме и ќе пробаме да ја продолжиме доминацијата“ – Нена Трајчевска верува во своите како и во способностите на своите клупски колешки.

Идентични очекувања имаат и кошаркарките од противничкиот табор кои се убедени дека првиот натпревар од финалната серија ќе биде интересен за гледање.

„Моите очекувања се нормално победа. Само со тимска игра и големо залагање од страна на целиот тим ќе може да се спротивставиме на конкурент како што е Бадел. На терен ќе излеземе со максимален фокус и желба за победа. Верувам дека ова ќе биде еден доста интересен натпревар кој вреди да се погледа“ - вели капитенот на Вардар, Едина Муса.

Финалната серија ќе започне вечерва, во 19:30 часот во спортската сала „Независна Македонија“.