Со полуфиналните натпревари помеѓу Работнички и Карпош Соколи односно МЗТ Скопје Аеродром и Куманово 2009 започнува борбата за шампионската титула. Трофејот број 25 во Република Македонија го чека својот нов сопственик. МЗТ Скопје Аеродром ќе ја брани титулата освоена минатата...

Според пласманот на табелата во Суперлигата, двата најтрофејни клуба во Република Македонија, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички имаат предност на домашен терен, адут кој сигурно ќе се обидат да го искористат против своите противници Куманово односно Карпош Соколи.

Досега Работнички е неприкосновен на врвот кога станува збор за освоени шампионски титули со 14 трофеи во своите витрини. Веднаш зад него е актуелниот шампион во домашното првенство МЗТ Скопје Аеродром со пет, Фени Индустри има три титули додека по еден трофеј во своите витрини имаат Гостивар (Никол Ферт) и Струмица.

Марко Симоновски, МЗТ Скопје Аеродром

- Неодамна заработив повреда на скочниот зглоб и според последните прегледи и прогнози сè уште не сум подготвен да играм. Полуфиналната серија речиси е сигурно во целост ќе ја пропуштам, а за финална - здравје. Верувам дека моите соиграчи добро ќе си ја завршат работата и ќе заиграм во уште едно финале. Што се однесува до вечерашниот натпреавр, мислам дека домашниот терен ќе биде дополнителна предност за нас. Куманово не е тим за потценување, но искрено нема што да бара во Аеродром. Ако моите соиграчи дадат сè од себе тогаш победата сигурно е во наши раце.

Димитар Караџовски, Куманово
- Па реално, според досега одиграното нам ќе ни биде потребно чудо за да стигнеме до шампионската титула. Тоа е непобитен факт со оглед на тоа дека ние имаме само седум играчи во ротација, па и заморот нè стигна. Знаете кој сè замина и што се случуваше изминатиот период, а тука има удел и предноста на домашниот терен. Но, тоа не значи дека ние ќе се предадеме предвреме. Плејофот е Плејоф. Ние ќе се обидеме да направиме сè што можеме.

Виктор Ефремовски, Работнички
- Денес ми е прво полуфинале и ми е огромна чест што играм со тим како што е Работнички. Во последен момент нè спаси поен да имаме предност на домашен терен. Тоа многу ни значи, на целиот тим, да се игра пред наша публика и наши навивачи бидејќи без нив и нивна поддршка не би постигнале успех затоа што не е исто да се игра на наш терен или на туѓ. Многу сум задоволен, а и целиот тим на чело со нашиот тренер Марин Докузовски за успехот што го постигнавме до тука. Што се однесува лично за мене последниот период бев ангажиран и за помладиот тим каде што таму играме финале поради тоа имав помала минутажа, но мое е да играм колку ќе ми даде тренерот – толку, да се докажам. Денес се надевам на победа и на фер игра.

Драган Николиќ, Карпош Соколи
- Суперлигата се покажа како исклучително изедначена, без непобедливи и екипи без победи. Но, сѐ што се случуваше досега треба да се заборави, почнува плејофот кој е своевиден кошаркарски гренслем-турнир, во кој е потребно да освоиш три сета односно победи ако сакаш да се пласираш понатаму односно да дојдеш до посакуваната цел. Знаеме против кого играме во полуфиналето, многу добро се познаваме со Работнички и не верувам дека е можно било какво изненадување од било која страна. Ова се дуели во кои не е важна досегашната статистика или претходните меѓусебни дуели, туку најважна е психофизичката подготвеност како и моменталната инспирираност. Екипата што ќе биде помалку исцрпена од долгата сезона дефинитивно ќе има поголеми шанси за успех во серијата. Изминативе денови напорно трениравме, со цел да ги подобриме работите како на тактички така и на енергетски план. Ќе пробаме да ја вратиме цврстата одбрана, која беше наш заштитен знак во АБА-лигата, а воедно да го задрживме одличниот напад кој нѐ направи најефикасна екипа во Суперлигата сезонава.

Двата полуфинални натпревари ќе започнат во 19:00 часот.

Натпреварот помеѓу Работнички и Карпош Соколи ќе биде пренесуван на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ), а статистиката може да се проследи на следниот линк.

Натпреварот помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово ќе биде пренесуван во живо на МОК ТВ - YouTube каналот на Македонскиот Олимписки комитет, а статистиката може да се проследи на следниот линк