Карпош Соколи и МЗТ Скопје Аеродром ја запишаа и втората победа во рамки на полуфиналната серија од Плејофот. Екипата од скопската општина Карпош вторпат за два дена беше посилна од најтрофејниот кошаркарски колектив, Работнички додека актуелниот шампион во домашното првенство славеше на гости кај ланскиот вицешампион Куманово.

Домашниот состав во Карпош фуриозно го започна натпреварот поведувајќи со пет разлика во два наврати(15-10, 23-18). По првиот период „соколите“ имаа предност од осум поени (26-18) што се покажа како доволна мотивација за одржување на стабилноста во играта. На спротивната страна пак, бројот на грешки не заостана што резултираше со голем број на загубени топки кои пак домаќинот знаеше да ги насочи кон противничкиот обрач.
Во финишот, Карпош Соколи славеше со 88-76 односно 26-18, 26-24, 21-20 и 15-14 по делници.

Стрелци на натпреварот
Карпош Соколи: Трајковски (12 поени), Лабовиќ (20), Мавра (11), Зековиќ (13), Пери (11)
Работнички: Чековски (26 поени), Тасовски (18), Мишановиќ (14), Илиевски (11)
 

Атмосферата беше поинаква на вториот натпревар кој започна час подоцна. Домаќинот го отвори резултатот по што следеше наизменично предавање на водството. Во вторите пет минути од првиот период, Дреновац и Лалиќ диктираа побрзо темпо кое кумановци не можеа да го фатат. Тоа резултираше со 18-25, водство од седум поени за клубот од Аеродром по истекот на десеттата минута. Во вториот период пак ’рефлекторите’ беа насочени кон Јанески и Караколев – тандем кој функционираше беспрекорно и на домаќинот му донесе ново водство од 49-48, резулат со кој екипите се разделија на паузата. Ништо поразлично не беше ниту кога кошаркарите од двете екипи се вратија на паркетот сè до 35. минута кога по егалот од 74-74 гостите успеаја да наталожат предност од шест поени, доволни за победа од конечни 88-93 (18-25, 31-23, 19-24, 20-21).

Стрелци на натпреварот
Куманово: Караџовски (24 поени), Јанески (23), Р. Пековиќ (13)
МЗТ Скопје Аеродром: Темс (15 поени), Клоф (25), Дреновац (18), Лалиќ (15)