Со максимални три победи над своите противници – Работнички односно Куманово во полуфиналната серија, Карпош Соколи и МЗТ Скопје Аеродром обезбедија пласман во финалната серија каде во ’војна’ до три победи ќе се борат за титулата шампион во домашното првенство за сезоната 2016/2017.

„Соколите“ од Карпош во „Градски Парк“ се мачеа во првиот дел од натпреварот против мотивираните домаќини кои сакаа да го демонстрираат својот квалитет и да ги спречат соседските ривали да ја искористат првата ’меч-топка’ и да се пласираат во финалето од Плејофот. Ненад Мишановиќ беше лидер на „центарци“ и доминираше на паркетот во првиот дел од натпреварот. Се што неговите соиграчи не можеа да финишираат во противничкиот обрач, тој собираше и проследуваше кон Николиќ и Илиевски кои беа расположени за игра. Домашниот состав имаше водство од 6-1, а потоа и од 11-8 кога се разиграа Трајковски и Лабовиќ од противничкиот табор и успеаја да го преземат водството и да го одржат на ’плус пет’ до полувремето (28-33). Во текот на третиот период гостинскиот состав испука четири прецизни проектили (Лабовиќ, Трајковски, Чомагиќ, Зековиќ) кои беа доволни за одржување на двоцифрена разлика во текот на целото второ полувреме.

Во финишот, Карпош Соколи славеше со конечни 65-76 (16-19, 12-14, 19-25, 18-18). Третата победа во полуфиналната серија значеше и историски пласман на клубот во финалето од Плејофот.

Стрелци на натпреварот
Работнички: Илиевски (10 поени), Чековски (15), Тасовски (11), Мишановиќ (11 поени, 12 скока), Мираковски (12)
Карпош Соколи: Трајковски (21 поен), Соколов (14), Лабовиќ (13)

 

Во нешто слична атмосфера беше одигран и вториот натпревар на денешната агенда кој го реши вториот патник во финалната серија. Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром славеше над ланскиот вицешампион Куманово со и обезбеди пласман во уште едно финале.
Во првиот дел од натпреварот ниту еден од двата клуба не можеше да наметне свој ритам за подолг период. Но, она што гостите го наталожија како позитива во првиот дел, во третиот период беше збришано. Марјан Србиноски повторно имаше само седум играчи на располагање за во ротација, а подолгата клупа на домаќинот беше адут добро искористен. Со победа од 84-64 (21-23, 18-20, 26-10, 19-11) МЗТ Скопје Аеродром обезбеди ново финале.

Стрелци на натпреварот
МЗТ Скопје Аеродром: Дреновац (17 поени), Мијатовиќ (15), Лалиќ (12), Синовец (11)
Куманово: Караџовски (13 поени), М. Пековиќ (13), Браун (12)