МЗТ Скопје Аеродром поведе со 1-0 во финалната серија против Карпош Соколи. Кошаркарите од таборот на актуелниот шампион во домашното првенство ја отворија финалната серија со триумф над градскиот ривал против кој славеа веќе двапати оваа сезона, во Супер лигата. Избраниците на Анте Назор беа подобри во две четвртини, сосема доволно за победа од 77-76 (19-21, 22-19, 12-21, 24-15)

Ниту една од екипите не успеа да поведе и да ја задржи предноста подолго време. Тоа беше јасно уште на стартот по нешто помалку од 60 секунди кога и двете екипи се најдоа во позитива, но и во негатива против противникот. Дреновац, кој имаше одлична партија на овој натпревар, го отвори резултатот, но потоа изостана комуникацијата со неговите соиграчи кои требаше да му дадат поддршка под обрачите, па гостите лесно го преземаа водството. Се разиграа Доминик Мавра и Бојан Трајковски, па по десет минути игра „соколите“ беа два поени во позитива (19-21). Следеше период во кој домашниот состав се мачеше да стигне до изедначување. Клоф знаеше да наметне побрза динамика на играта во моменти кога на „металците“ тоа им беше најпотребно за дополнителен стимул и подигнување на самодовербата за преостанатиот дел од натпреварот.

Екипите се разделија при резултат 41-40 во корист на домаќинот. Во вториот дел од натпреварот, Дреновац кој дотогаш беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје Аеродром западна во реализаторска криза додека Лалиќ беше сардисан од противничките кошаркари во рекетот. Сето тоа резултира со серија од 0-9 за гостинскиот состав и водство од 50-59 непосредно пред крајот на тертиот период. Во решавачките десет минути се влезе со осум поени предност (53-61) за „соколите“ која беше намалена за неполни две минути. Домаќините се доближија на 'минус два' (59-61, 61-63), а Данило Мијатовиќ беше прецизен зад линијата за три поени за да направи пресврт на резултатот во 34. минута (64-63). Серијата од 12-0 во последната четвртина го одлучи победникот, барем така се чинеше. Следеа неколку непромислени акции на домаќинот што го чинеа сето водство. Мавра успеа да изедначи на 20 секунди до крајот (76-76), но домаќините изнудија фаул, Темс еднаш беше прецизен од линијата за слободни фрлања, доволно за победа.


Стрелци на натпреварот
МЗТ Скопје Аеродром: Дреновац (26 поени), Мијатовиќ (17), Темс (14)
Карпош Соколи: Мавра (18 поени), Пери (21)