Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја запишаа третата победа во рамки на финалната серија од плејофот во тековната натпреварувачка сезона. Со 86-82 (22-20, 23-21, 19-21, 22-20) „металците“ беа подобри од своите противници во финалето, Карпош Соколи, кои не успеаја да стават крај на доминацијата на клубот од Аеродром кога станува за домашното првенство. За МЗТ Скопје Аеродром ова е шеста титула и тоа во низа.

Домаќините го отворија резултатот и продолжија брзо да реагираат на секои уфрлени поени на „соколите“. Водството наизменично беше предавано на двете страни за да на полувремето домаќинот има скромно водство од четири поени (45-41). Агресивноста беше очигледна и на двете страни откако екипите се вратија на паркетот и започнаа со играта од вториот дел од натпреварот. Клоф реализира шут за три поени и првпат го одвои неговиот клуб на девет поени позитива (54-45) кое всушност беше и нивно најголемо водство на натпреварот. Гостинот брзо се консолидира и успеа да изедначи во самиот финиш (78-78), но петтата лична грешка на Лабовиќ, кој беше еден од најрасположените кошаркари на паркетот, си го зеде данокот. „Соколите“ загубија адут во рекетот кој знае да реализира и од надворешните линии, па домаќинот со ветерот в грб од публиката успеа да поведе на неколку секунди до крајот. Дреновац реализира тројка за 83-80 на нешто повеќе од една минута до крај – водство кое му даде стимул на МЗТ Скопје Аеродром за да го задржи сè до крајот.

Стрелци на натпреварот:
МЗТ Скопје Аеродром: Клоф (29 поени), Темс (12), Дреновац (23)
Карпош Соколи: Лабовиќ (17 поени), Пери (17 поени), Мавра (16), Чомагиќ (11)