Актуелниот вицешампион на Република Македонија, Карпош Соколи, во текот на наредната сезона ќе се натпреварува во највисокото клупско натпреварување организирано од светската куќа на кошарката – ФИБА додека Работнички поднесе пријава за Европа Купот.

Раководството на Карпош Соколи изрази желба да клубот продолжи со активностите на меѓународните фронтови и изборот ’падна’ на Лигата на шампиони. Клубот кој оваа година се закити со првиот свој трофеј (КУП на РМ) ќе се натпреварува во првата фаза од квалификациите за Лигата на шампиони.

Сезоната во која Карпош Соколи ќе го забележи својот настап ќе биде втора сезона во постоењето на ова клупско натпреварување. Актуелен шампион е Иберостар Тенерифе од Шпанија.

Најтрофејниот кошаркарски колектив во Република Македонија, Работнички, поднесе пријава за учество во Европа Купот кој е организиран од страна на ФИБА. Како и Карпош Соколи, клубот од „Градски Парк“ не ги крие високите амбиции за следната натпреварувачка сезона како во домашното првенство така и во меѓународните натпреварувања. 

Македонската кошаркарска федерација го поздравува изборот на двата клуба за учествување во натпреварувања организирани од страна на ФИБА и им посакува среќа!