Македонската сениорска репрезентација вечерва ќе се врати од гостувањето во Словачка каде мина два дена во непријателска атмосфера. Судиите беа и тоа како наклонети и пристрасни кон домаќинот што резултира со природно незадоволство кај нашите репрезентативци кои ја бараа правдата на теренот. По недобивање на истата, арбитрите одлучија да го прекинат вториот натпревар кој нема да биде доигран. До моментот на прекин, Македонија имаше водство од 54-58.

Денеска беше само продолжување на натпреварот од вчера. Вчера судиите беа максимално некоректни, но не сакавме да се вадиме на некој начин после пораз земајќи предвид дека и натпреварот беше неофицијален односно од затворен карактер. Денес игравме доста добро и покрај тие два прекини. Имаше неколку недосудени фауи над нас, но ние продолживме да играме. Уште во првата четвртина, судиите ни земаа четири топки по што не можев да останам рамнодушен и изреагирав. Добив техничка, а потоа некако судиите се смирија. Во вториот период поведовме на кратко па тие повторно ’удрија’. На фаул под кош на Димо Тасовски тие не изреагираа, а потоа нему му досудија неспортска. Нормално, реагираа нашите играчи особено отако на Костоски му беше досудена исклучувачка грешка без фаул. Да бидеме реални натпреварот можеше да се доигра и да продолжи, но ете судиите решија поинаку. Ние изигравме како што изигравме, го видовме тоа што требаше. Можеби и подобро што заврши бидејќи можеше да се случи некоја несакана незгода. - е видувањето на Давитков за изминатите два дена.

 

Сениорите вечерва се враќаат во Скопје каде ќе продолжат со подготовките. В сабота ни гостува соодветната селекција на Бугарија, а неколку дена подоцна на распоредот ни е и турнирот „Трофеј Македонија“.