Првиот пријателски натпревар кој кадетите го одиграа во рамки на подготвителниот период го завршија победоносно со триумф над соодветната селекција на Бугарија со 97-72 (24-14, 24-17, 27-24, 22-16).
Нешто повеќе од две минути им требаа на нашите кадети за да влезат во посакуваниот ритам на паркетот. Апсолутната доминација беше најавена со серијата од 11 поени во низа. Гостите речиси и да немаа одговор на играта на нашите репрезентативци до 16 години кои како одминуваше времето сè повеќе ја таложеа предноста. Во првиот највисоката предност изнесуваше 19 поени (48-29) по што следеше мал пад на концентрацијата што нè доведе да останеме без реализирани шутеви во последните две минути од вториот период. Селекциите играа порамноправно во третиот период. Во обид да ги наведе нашите кошаркари на грешка, противникот се обиде да го затвори рекетот, но се случи спротивното од тоа што тие најверојатно очекуваа. Нашите шутери кои одиграа на високо ниво во текот на целиот натпревар ја преземаа иницијативата и со неколку реализирани тројки резултатот повторно се врати на 'плус 20'. Предноста за нашиот национален состав продолжи да расте како што одминуваше времето.

Вториот натпревар помеѓу нашите кадети и соодветната селекција на Бугарија ќе се одигра утре (20. јули) напладне.

 

СТРЕЛЦИ
Митевски (7поени), Миловановиќ (5), Бошковски (9), Исајловски (10), Кацарски (8), Л.Наумоски (7), А.Наумоски (19), Јакимовски (16), Јанев (10), Блажевски (2), Орлов (2), Карталовиќ (2)