Нашите младински репрезентативци го освоија 13. место на Европското првенство (Дивизија Б) што до денес се одигруваше во Орадеа, Романија завршувајќи го истото со втор триумф над соодветната селекција на Албанија со 65-71 (15-7, 16-26, 21-16, 13-22). Првопласирана селекција на овој континентален собир е домаќинот кој доби промоција во А дивизија.

Првенството го започнавме разигрувајќи во групата Ц против селекциите на Грузија, Малта, Романија и Албанија. Отворивме со триумф над Албанија (62-54), а потоа следеа два пораза, од фаворитот во групата Грузија (78-48) и од домаќинот Романија (63-68). Малта ја збришавме за крај на групната фаза со 60-99 и како третопласирани во групата Ц се боревме против четвртопласираната селекција од групата Д за пласман од 9. до 16. место. Среќата беше на страна на Косово (64-66) па нам ни седеше натпревар против Белорусија за 13.-16. место. Триумфот од 58-62 ни ја донесе Албанија како финален противник во битката за 13. место. Вторпат им одржавме лекција на кошаркарите од Западен Балкан што резултира со наш финален пласман на 13. позиција на ова Европско првенство.