Уште еден пријателски натпревар против Бугарија ќе биде последниот тест на сениорската репрезентација во пресрет на натпреварите од претквалификациите за Светското првенство. Селекторот Јорданчо Давитков сигурно веќе има јасна слика за конечниот состав од дванаесет воини кои ќе ги бранат боите на Република Македонија на претстојните претквалификации, но последниот список ќе се изготви по натпреварот со Бугарија за кој на располагање Давитков ќе има 12 кошаркари.

Во Бугарија ќе отпатуваме без Бојан Крстевски и без Војдан Стојановски. Бојан веќе подолго време се мачи со повреда на тетивата и ќе отсуствува уште најмалку десет дена од терените. Во меѓувреме, на денешниот тренинг на болка во коленото се пожали и нашиот капитен Војдан Стојановски. Му беа извршени прегледи по што лекарскиот тим констатира дека подобро и попаметно би било да го пропушти натпреварот против Бугарија, за да можеме да сметаме на него в среда - вели Давитков.
 

Сениорите заминуваат за Бугарија утре (четврток 27.  јули), а натпреварот ќе биде одигран наредниот ден (петок, 28. јули) со почеток во 18:00 часот локално време или 17:00 по македонско.