Нашата сениорска репрезентација утре попладне заминува за Косово каде и против кого ќе го одигра првиот натпревар во рмаки на претквалификациите за Светското првенство 2019. Ждребот посака да сме сместени во група заедно со Естонија и со Косово - навидум лесна работа, но историјата нè научила дека не смееме ниту еден противник да го ’отпишеме’ предвреме. Првите две пласирани селекции обезбедуваат пласман во квалификациите за СП 2019, што за нашата селекција значи и пласман во квалификациите за Европското првенство 2021 година.

Се видовме пред 40-ина дена тука кога почнуваа подготовките. Во овие 40 дена, во кои 30 бевме комплетни одигравме шест натпревари официјални - еден пораз и пет победи - или така некако. Го одработивме тоа што требаше да се одработи. Сигурно не сме 100% подготвени за натпреварите, но мислам дека сме подготвени за да одиграме максимално што можеме со една додатна желба од играчите да стигнеме до она што го сакаме и она за што се собравме – пласман во главните квалификации за СП 2019. Не го гледам мечот со Косово одделно, сите средби се подеднакво важни за да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Не се сложувам дека овој прв меч е најзначаен, за нас најзначајно е по последниот дуел во Естонија на 16. август да бидеме пласирани во квалификациите за СП. Сите знаеме дека пред нас е тежок натпревар, во кој ќе има притисоци од сите страни. Колку што имам информации, салата е распродадена, ќе има притисок од трибините, ќе видиме каков ќе биде критериумот на судење. Ние ќе мораме да се прилагодиме на сè, да одиграме како што знаеме, пред се во одбраната. Косово не е премногу квалитетна селекција, но од друга страна не е ниту ривал што треба да се потцени. Тие се особено опасни на домашен терен, каде понесени од публиката можат да одиграат многу добро. Наше е да ја повториме играта во одбраната од контролните средби во Скопје, ако успееме во тоа ќе завршиме голем дел од работата. Во нападот немаат дефанзивен капацитет со кој можат да ги сопрат нашите најдобри играчи. Најважно од се е да останеме мирни и фокусирани, да не дозволиме да бидеме исфрлени од ритам. Овие играчи заслужуваат поддршка и ги повикувам навивачите да дојдат и да ја бодрат репрезентацијата, како против Естонија, така и против Косово, да не се дозволи тој меч во Скопје да го играме како на гостински терен - исстакна селекторот Јорданчо Давитков на средбата со претставниците на медиумите.



Капитенот на сениорската селекција, Војдан Стојановски, ја повика публиката на него и на неговите соиграчи од националниот тим да им биде ветер в грб.


Атмоферата во тимот е одлична, сите чекаме да почне она вистинското, по бројните пријателски натпревари. Спремни сме и физички и психолошки, ќе дадеме сè од себе и се надевам дека ќе успееме да се пласираме на квалификациите за Светското Првенство. Во разговорите со играчите кои настапуваат во БИБЛ јасно е дека теренот во Приштина е многу тежок за играње. Сепак, веруваме дека имаме и квалитет и искуство за да одиграме добар меч и да стигнеме до победата - истакна Стојановски.

Билетите за домашните натпревари ќе бидат пуштени во продажба од утре (1. август) во продажната мрежа на мктикетс по цена од 150 денари за поединечен натпревар односно 200 денари блок билет.