Точно 24 часа нè делат од почетокот на Европското првенство (Дивизија Б). И оваа година, Македонската кошаркарска федерација доби привилегија да биде домаќин на едно првенство. Овој пат станува збор за натпреварувањето за кошаркарки до 16 години, втора дивизија.

Вкупно 22 национални селекции од Европа меѓу кои и нашата репрезентација ќе се борат за првите три места кои водат до промоција во дивизија А.

Првенството ќе трае 10 дена почнувајќи од 17. август, а финалето ќе биде одиграно на 26. август.

Репрезентациите се поделени во четири групи, две имаат по шест земји-учеснички, а две групи имаат по пет. Секоја селекција ќе одигра четири односно пет натпревари во рамки на групната фаза со минимална пауза од еден ден по третиот односно четвртиот натпревар. По завршување на групната фаза следи ден за одмор пред натпреварите од нокаут фазата и натпреварите од класификациите од деветтото до 22. место.

Ждребот посака да Стојна Вангеловска и нејзините избранички бидат сместени во групата Б заедно со Белгија, Словенија, Ирска, Украина и со Молдавија.

Сите натпревари во рамки на групната фаза, нашата национална селекција до 16 години во женска конкуренција ќе ги одигра во VIP Арената при спортскиот Центар „Борис Трајковски“, со почеток од 18 часот и 45 минути.